Балкан
9. February 2016 - 13:22

Давутоглу: Околу 70.000 сириски бегалци може да пристигнат на турската граница

Околу 70.000 сириски бегалци може да стигнат на турската граница, доколку војната во земјата продолжи со истиот интензитет, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу и додаде дека Турција нема да ја затвори вратата за бегалците.

- Се наоѓаме на прагот на нова трагедија. Но, реакцијата на меѓународната заедница на тоа што се случува во сирискиот град Алепо е недоволна. Постои ризик во Турција да дојдат околу 70 илјади наши браќа од Алепо, доколку продолжат воените дејствија. Но, ние ќе ја оставиме нашата граница отворена за нив, посочи турскиот премиер.

Давутоглу го даде овој коментар во обраќање пред пратениците од неговата партија во Парламентот.

Турција, која веќе прими 2,5 милиони сириски бегалци, ја држеше границата затворена изминатите денови, кога десетици илјади лица побараа засолниште поради сириските и руските напади во северозападна Сирија, која е под контрола на сириската опозиција.