Балкан
4. February 2016 - 13:53

Давутоглу: Десетици илјади Сиријци се движат кон Турција

Поради засилените руски воздушни напади врз сирискиот град Алепо десетици илјади Сиријци се движат кон турска граница, изјави денеска турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Зборувајќи на донаторска конференција за Сирија, која се одржува во конгресниот центар „Кралица Елизабета“, Давутоглу рече дека оваа информација ја добил додека бил на пат за Лондон, пренесуваат британските медиуми.

- Поради бомбардирањата и нападите во Алепо десетици илјади нови бегалци чекаат да се отворат вратите кај Килис, рече турскиот премиер.

Килис е погранична провинција на југот од Турција, објаснуваат британските медиуми.

„Од северот на Алепо... 60.000 до 70.000 лица се движат кон Турција. Моите мисли во моментов не се во Лондон, туку на нашата граница - за тоа како да ги преместиме овие нови луѓе кои доаѓаат од Сирија, додаде Давутоглу.

Тој кажа дека 300.000 луѓе кои живеат во Алепо се подготвени да тргнат кон Турција.

Давутоглу објасни дека во Турција не остана ниту еден град во кој нема сириски бегалци 

- Сега во Турција има 2,5 милиона сириски бегалци. Во градот Килис, само 40 проценти од населението се Турци. Пред да тргнам наваму на границата, во Килис, чекаа 10.000 бегалци, а уште  околу 60.000 се движат кон границата. Тие се принудени да бегаат поради бомбардирањето на градовите Алепо и Мадаја, рече Давутоглу.

Тој ја информира јавноста дека Турција за примените бегалци во камповите веќе потрошила 10 милијарди долари, а земјата имала потреба од уште околу 20 милијарди долари.