Спорт плус
8. November 2020 - 9:51

Давидовски: Подобри сме од лани, но нашата цел е повисока

Македонскиот претставник на Европското првенство со туринг возила (ТЦР Европа) Виктор Давидовски се осврна на резултатите што тој ги постигна со ПСС Рејсинг во 2020 година.

Поради појавата на пандемијата, календарот на ТЦР Европа беше подложен на повеќе промени, за на крајот македонскиот пилот да добие дозвола за учество само на две трки, оние во Италја и Шпанија.

– Оцената за целата сезона во 2020 година е подеднакво комплицирана колку што беше комплицирана и самата сезона, но сепак параметрите покажуваат позитивен напредок на секое поле. Ова е наша трета сезона во ТЦР Европа и напредокот е забележителен во секоја форма, без оглед дали споредуваме бодови или пласмани. Лани 12 трки освоив бодови во само два наврати, а оваа година имав четири трки и два пати бев во бодови. Лани имав три бода, оваа година нивното салдо е 26. Автомобилот беше подобар, но реалноста направи да не можеме да извадиме максимум од сето тоа. Сметав и се уште сметам дека нашата цел е повисока и тука сме за да се бориме за подиуми, а видовме дека тоа е можно кога во Марсеј со нашето возило настапи Нестор Џиролами, бидејќи мене не ми беше овозможен влез во Франција. Дури и ваквиот континуитет ни дава надеж дека одиме кон повисоко ниво, бидејќи ако ја погледнете листата на учесници ќе забележите дека ПСС Рејсинг е единствената екипа од бившите југословенски простори која три години по ред се натпреварува во ТЦР Европа и акумулираните искуства вродуваат со плод,- изјави Давидовски.

ПСС Рејсинг со 98 бода се најде на 10 место од 14 тимови, додека Давидовски со 26 бода е на 24 место во поединечна конкуренција.