Македонија
23. October 2015 - 16:55

Даштевски: Анкетата на Брима Галуп точно лоцира кој не сака избори во април

Резултатите на анкетата на “Брима Галуп“ јасно и точно го прикажуваат расположението на граѓаните, кои и покрај политичката криза и таканаречените бомби, ги подржуваат ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски, смета универзитетскиот професор Александар Даштевски.

Во истражувањето на “Брима Галуп“, 23,5% од граѓаните се изјасниле дека на следните парламентарни избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти само 12,4% кои својот глас би го дале за СДСМ, 7,6% за ДУИ и 3,5% за ДПА.

Од друга страна, Премиерот Никола Груевски е политичар кој ужува највисок рејтинг, со поддршка од 21,4% од граѓаните, а неговиот опонент Зоран Заев има 3 пати помал рејтинг од 7,9%, Али Ахмети и Мендух Тачи уживаат поддршка од 6,1% и 2,5%.

Универзитетсиот професор по политички науки, вели дека за оваа разлика се свесни и во СДСМ, токму затоа со нереални барања сакаат да ги минираат преговорите и така да ги избегнат априлските избори.

Анкетата на “Брима Галуп“ е теренска и се одржала во периодот од 29 јуни до 5 јули годинава. Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1008 испитаници.

Тоа што е направена во екот на преговорите, докажува дека доколку тие не успеат и поради тоа Република Македонија ја изгуби препораката, виновникот треба да го бараме во СДСМ, вели Даштевски.

Даштевски додава дека веќе подолго време се занимава со емпиризмот во политичката наука, и знае дека ваквите анкети обично имаат грешка од 3 do 5%. Галуп е една од најреномираните агенции во светот, основа 1935 година во Америка и оттогаш со најголема прецизност ги предвидува резултатите на изборите ширум светот.