Македонија
29. December 2015 - 14:29

Даниел Кајмакоски и Наум Петрески за пречекот на 2016 во Битола

Даниел Кајмакоски и Наум Петрески ќе ги забавуваат битолчани на плоштадот „Магнолија“ за новогодишната вечер.

На денешната традиционална предновогодишна прес-конференција градоначалникот на општина Битола Владимир Талески освен за празничната програма, се осврна на постигнувањата на локалната самоуправа во 2015 и ги најави најважните проекти што општината ќе ги реализира во 2016 година.

- Општина Битола е иницијатор за формирање на BCC (Balkan Cinema Center), регионален филмски центар чие седиште ќе биде во Битола. Станува збор за здружување на албанските градови Тирана и Корча и бугарските градови Благоевград, Пловдив и Софија кои заедно со Битола ќе формираат BCC-центар за поддржување на филмски активности. Првиот регионален центар од ваков вид ќе создаде големи услови за работа на креативните луѓе од три држави за кои не постојат граници, посочи Талески.

„Топлификација“ е капитален проект за 2016, за чија реализација, како што рече, се создадени сите услови.

- Во првата фаза примарниот топловод од РЕК Битола ќе пристигне до влезот на градот, кај месноста „Дулие“, а потоа ќе се дели на два крака. Едниот крак ќе се протега покрај улицата „Иван Милутиновиќ“ и ќе се движи се до месноста „Црн Мост“, додека вториот крак ќе го обиколува градот покрај улицата „Партизанска“ и „Васко Карангелески“ и повторно се до „Црн Мост“. Ова е единствената и вистинска мерка за Битола долгорочно да се справува со аерозагадувањето. Во меѓувреме адаптиравме возило на ЈП „Комуналец“ кое деновиве ќе врши прскање со хемиски раствор по улиците на Битола, потврди Талески.

Според Талески, 2015 година завршува успешно.

- Потврда за тоа е што неодамна Битола го доби меѓународното признание и стана дел од мрежата креативни градови на УНЕСКО, за што општината лобираше со потврдени аргументи, нагласи градоначалникот Талески.