Свет
24. February 2017 - 0:14

Данфорд: Планот за борба со Исламска држава ќе опфати и други радикални групи

Највисокиот по ранг воен офицер во САД, генерал Џозеф Данфорд, денеска изјави дека процесот на повторно разгледување на стратегијата за победа над групата Исламска држава, што го предводи Пентагон, на американскиот претседател Доналд Трамп ќе му достави и варијанти не само за забрзување на борбата против ИД, туку и за борбата со Ал Каеда и другите радикални групи надвор од Ирак и Сирија, пренесоа американските медиуми.

Генерал Данфорд, како претседател на Комитетот на началници на штабови на американската армија, изјави дека целта е да се изготви план против заканата од радикалниот екстремизам во најширока смисла.

Тој уште кажа дека планот во себе го вклучува и проблемот на заминување на екстремистите од десетици земји во нестабилните места, какви што се Ирак и Сирија.

На 28 јануари претседателот Трамп нареди 30-дневно преразгледување на стратегијата и првичната верзија на планот за победа врз ИД.

Министерот за одбрана Џејмс Матис се очекува резултатите да ги објави следната недела.