Македонија
14. јуни 2020 - 17:26

Дали во Штип е можен нов кластер, повторно поради непочитување на мерките за транспорт

Само еден позитивен случај во изминативе 24 часа во Штип. Се работи за текстилна работничка од конфекција која не е опфатена со скринингот, но истата извесен период била на боледување, па епидемиолозите сметаат дека нема опасност вирусот да бил пренесен на нејзините колешки. Граѓаните реагираат зошто по 5 дена ги чекаат резултатите од тестирањето, а од Центарот за јавно здравје ги замолуваат за трпение, зашто тоа не е во нивна моќ. И додека состојбата со текстилните кластери се става под контрола, штипјани стравуваат дека на повидок е нов. На социјалните мрежи осамна видео на кое се гледа како се транспортираат наемните работници за берба на вишни. Работниците се превезуваат во автобус, без заштитна маска и без одржување на потребната дистанца.

Од фирмата за преработка на вишни, велат дека тие немаат плантажи, туку дека нивниот автобус е позајмен на соработници кои имале проблем со транспортот на сезонските работници. Сепак, возачот на автобусот има потпишано изјава дека ќе ги почитува здравствените протоколи, во спротивно ќе следува дисциплинска постапка.

Од инфективното одделение се отпуштени на домашно лекување 3ца пациенти, па сега се хоспитализирани 18. Само на еден пациент на 80 годишна возраст му е потребна повремена кислородна поддршка, а останатите се со лесна и средно тешка клиничка слика.