Бизнис
2. July 2019 - 16:34

Дали вашите податоци се безбедни со новата апликација за ДДВ

Кирил Соколов стана Акцент ДООЕЛ. Јавноста вчера бурно реагираше зошто апликацијата МОЈ ДДВ се води на име на физичко лице. Денеска физичкото лице е избришано и стои само името на фирмата Акцент ДООЕЛ, која го доби тендерот за изработка на апликацијата. Но, таа и натаму не може да се најде на плеј стор ако се бара  под името МОЈ ДДВ, може да се симне само преку страницата на Управата.

Од Управата велат дека овие детали не влијаат на безбодноста и уверуваат дека граѓаните се максимално заштитени и не треба да стравуваат да ја преземат апликацијата.

„Управата уверува дека сите податоци внесени во апликацијата, како што се е-маил адреса и број на трансакциска сметка се сигурни и заштитени од било каква злоупотреба. 

Имено, апликацијата МојДДВ граѓаните ја преземаат од Google play store, којшто е сервис на мултинационалната компанија Google којашто има строги критериуми од безбедносен аспект како за самата компанија, така и за корисниците на сервисот. При употреба на апликацијата е потребно да се најават на системот на УЈП и се користи постојното корисничко име и лозинка. Се користи безбеден криптиран пренос на податоците од корисничкото име и лозинката меѓу телефонот и системот на УЈП. Во системот за поврат на ДДВ не се чуваат лични податоци освен трансакциската сметка која е поврзана кон кориснички број и не може да се идентификува на кое лице припаѓа“, стои во објаснувањето на управата.

Двете цели на овој проект се  враќање на дел од парите кај граѓаните и сузбивање на сивата економија. Од УЈП информираат дека по првиот ден од примената на апликацијата зголемен е бројот на пријави  на бројот 198, на трговци кои не издаваат фискални сметки.