Македонија
6. May 2021 - 16:50

Дали вакцините биле набавувани по повисоки цени?

Сите вакцини против Ковид кои ги набавила Владата се купени по иста или приближна цена како и сумите кои ги платиле земјите од регионот, тврди Премиерот, откако вчера опозицијата обвини дека кинеските вакцини биле платени двојно поскапо за сума од речиси 8 милиони долари. Заев најави и постапка за декласификација на документите доколку постои механизам, за да знаат граѓаните колку пари се потрошени за вакцините, бидејќи производителите инсистираат во договорите јавно да не се знаат овие информации.

- Цените се познати за сите во светот кои ги набавуваат вакцините, сите останати држави на европскиот континент и во соседството и во светот. Тие се истите цени и кај нас. Ако постои механизам за декласификација ние ќе го направиме тоа како Влада односно соодветните институции за да може министерот за здравство да ги објави сите детали. Имавме напори одредени аванси да се платат да се изгарантираат комплетно, но во меѓународното плаќање сето тоа се знае како се регулира. Ако се испорачаат нарачките, тогаш и плаќањето се спроведува. Тоа е само по себе доказ дека сме правеле се за час поскоро да ги набавиме вакцините, рече Премиерот Зоран Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ и денеска тврдат дека Владата за една вакцина од Синофарм платила 62,5 долари.

- А тоа е двојно повеќе од сумата која излезе како податок дека ја платиле други држави. Јавно го прашуваме Венко Филипче, дали ова се документите, кои беа лажни, дали ова се документите кои не постоеја и дали ова сега не е кредибилен документ дека исплатата е извршена? Дополнително каде требало да  завршат над 30 долари по вакцина односно над 6 милиони американски долари? праша Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Случајот го следи и антикорупциската комисија. Од таму велат дека се при крај со предметот за набавка на кинеските вакцини.

- Антикорупциска добила од Народна банка документ за извршена исплата на  седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока односно Министерството за здравство има исплатено на 15 февруари, а НБ го има реализирано во корист на Стабри Интернешенел од Хонг Конг, изјави Горан Трпеноски член на ДКСК.

Според ДКСК Владата во координација со кинеската Влада на средината на март ги стопирала сите активности за набавка на 200-те илјади вакцини на Синофарм преку фирмата посредник Стабри Интернешенел од Хонг Конг, а средствата биле вратени, за потоа да се склучи директен договор со фирмата производител.