Бизнис
22. November 2022 - 21:15

Дали увезената струја е поевтина од домашната?

Расте увозот на струја. ЕСМ вчера купи уште 4 илјади мегават часови кои чинат над еден милион евра. Анализата на Сител за последните десет дена покажува дека во периодот од 12-ти ноември до вчера, државните електрани произвеле вкупно 94 гигават часови електрична енергија, а купиле околу 32, за што се издвоени речиси 8 милиони евра. Приближно иста сума е потрошена и за нова набавка на струја која ќе се користи до недела.

И додека надлежните се уште убедуваат дека увозната струја е поевтина од произведената, експертите тврдат дека ако е така, тогаш воопшто не треба да постојат домашни капацитети за производство.

„Домашното производство од секогаш било поевтино и никогаш не се третирало како денеска. Не знам до кога ќе имаме пари. Лани, знаете дека се потрошија повеќе од 170 милиони евра за купување на струја. И тоа помина така како ЕСМ да ја спаси Македонија, ама ја спаси со нашите пари. Тоа се пари на граѓаните.“ – Спиро Мавровски, поранешен директор на РЕК Битола производство.

Мавровски се сомнева дека ЕСМ ќе го зголеми производството, особено од наредната недела кога ќе треба да ги снабдува со струја и производителите на основни продукти, училиштата и јавните претпријатија.

„Од тоа што е правено и тоа што денес се случува...го нема едниот блок во РЕК Битола, ќе го нема уште еден месец. Може да се случи да снема уште еден ако се случи некој испад. Го немаме ни Осломеј. Ги имаме хидроелектраните, а од нив треба да акумулираме за да имаме покасно електрична енергија. Ако ова не го правиме, и постојано имаме нови и нови приклучоци, цената ќе ја платат граѓаните“ - Спиро Мавровски, поранешен директор на РЕК Битола производство.

Според него, цената на струјата по нова година ќе се зголеми за најмалку 5 проценти. Од друга страна пак, првиот човек на комората за енергетика не очекува поскапување на струјата.

„Верувам дека Владата нема да дозволи да се зголеми цената и не смее да го дозволи тоа затоа што во моментов и не се толку големи цените на берзата. Овој момент може да го издржи државата и не треба да прави никакви дополнителни зголемувања, туку треба да ги задржи овие цени“ – Ѓорѓи Манасков, претседател на комора за енергетика.

Засега сигурно е зголемувањето на цената од 5% поради растот на ДДВ-то од 5 на 10% од први јануари, а од први јули, стапката се враќа на 18%.