Бизнис
3. January 2021 - 16:47

Дали топлото време „ги врати во живот“ угостителските објекти?

Угостителите сè погласно бараат помош од државата за да опстанат и да ги задржат вработените. Веќе 10 месеци работат под посебни рестриктивни мерки и протоколи со ограничен капацитет и работно време.

„Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни 100% обврски, додека прометот и приходите се толку смалени што тековното работењето на угостителските објекти наместо планирани добивки генерираат енормни трошоци и загуби”, реагираат од Независната угостителска комора.

Последно државата го ограничи работењето на угостителските објекти до 18 часот, со цел да се избегнат организирани прослави за празниците. Тоа за секторот претставува дополнителен проблем. Тие сега, како што велат, зависат единствено од доброто време. Но, сончевите денови за граѓаните повеќе се повод за прошетка во природа, отколку за дружба во кафулињата.

Дека сепак сончевото време ги раздвижува луѓето па има малку работа. Но, паднат е прометот за 80%, бараат помош од државата и ги молат граѓаните да ги почитуваат мерките.

Во очекување на најавениот петти сет мерки, од Независната угостителска комора излегоа и со свои предлози. Бараат континуирана и безусловна субвенција на бруто платите, неповратна финансиска помош за сите угостители, безусловни бескаматни државни кредити за да ја одржат својата ликвидност, единствена даночна стапка од 10% за угостителските услуги, како и одлагање и репрограмирање на сите решенија за присилна наплата од угостителите, со можност за исплата на рати со грејс период за нивните долгови или наплата по завршување на пандемијата.