Македонија
22. September 2021 - 21:16

Дали растот на заразата кај децата е аларм?

Кога е вистинскиот момент здравствените власти да ја вклучат тревогата и да почнат да размислуваат за промена на моделот на настава? Прашањето се поставува откако Институтот за јавно здравје утврди најголемо зголемување на бројот на ковид позитивни деца до 9 години. 143 од нив се регистрирани минатата недела, раст од 50,5 отсто споредено со претходната седмица.

Дваесетина дена по почетокот на учебната година, пораст на позитивни се бележи и кај лицата од 10 до 19 години. Податоците засега не го загрижуваат Министерството за образование, од каде велат дека се водат според насоките од Комисијата за заразни болести.

Дали и кога е време да се премине на онлајн или комбинирана настава, некои од останатите два модела, одлучуваат здравствените авторитети. 

Засега нема промена ниту на протоколите по кои се одвива наставата. Иако пред почетокот на годината се размислуваше за брзи тестови со кои би располагале училиштата, а по примерот на искуствата од останати земји, официјалните препораки предвидуваат друго.  

Реакцијата на министерката доаѓа откако Општина Илинден соопшти дека набавила брзи ковид-тестови за три основни и едно средно училиште на нејзина територија.

Станува збор за илјада тестови за кои училиштата велат дека ќе им бидат понудени на родителите доколку некое дете покаже повишена телесна температура при доаѓање.