Македонија
25. January 2021 - 16:32

Дали напредокот на историчарите ќе помогне за спорот Скопје - Софија?

За постигнување компромис се потребни отстапки но не само од едната страна. по договорот кој го постигна македонско-бугарската Историска комисија за употреба на уставното име  во записниците, политичкиот аналитичар Александар Кржаловски вели дека процесот треба да биде појасен и потранспарентен, а македонските власти да ја направат истата грешка како во преговорите со Грција.

Кржаловски не очекува напредок во преговорите пред но и во првите месеци по изборите во Бугарија закажани за крајот на март. Македонија не може да се надева на промена на бугарските ставови ниту при евентуална промена на власта во Софија.

По очекувањата на шефот на државата Пендаровски дека новата администрација во САД ќе придонесе за забрзување на преговорите, бугарскиот вицепремиер Каракачанов денеска со нова порака – македонските власти да се фатат за работа, наместо да се надеваат на притисоци врз Бугаруја. 

„Притисок не очекувам и тоа е втората голема наивност на политичарите во Скопје дека со промената на раководството во САД, некој ќе ја притисне Бугарија и Бугарија ќе потклекне и ќе ги спушти гаќите. Го користам вашиот етер за повторно да им кажам. Немојте да се надевате на тоа, како што вели бугарскиот народ на двете страни на границата, од оваа страна на Осогово и од другата. Завршете си ја работата, спроведувајте го договорот за пријателство и добрососедство и работите ќе тргнат. Прекинете да ги воспитувате младите луѓе на говорот на омраза кон Бугарите, бидејќи ние сме еден народ и едната страна ги воспитува на омраза кон другата, тоа е целосно бесмислено, непродуктивно и нема да ги води кон ЕУ“, вели Каракачанов.

Премиерот Заев пак вчера порача дека шансите за надминување на спорот пред изборите во Бугарија, се многу мали. Засега не се закажани ниту нови средби помеѓу министерите за надворешни работи, ниту нова посета на Бучковски на Софија.

Историската комисија за Историски прашања пак продолжува со работа на крајот на февруари.