Македонија
18. January 2023 - 16:34

Дали конечно ќе се преземат чекори за заштита на Трескавец?

Дали конечно работите околу манастирот Трескавец ќе се придвижат од мртва точка и дали годинава државата конечно ќе оддели средства за да се изработи проект за заштита, реставрација и конзервација на црквата и трпезаријата кои потекнувата од 13 век треба да се знае во наредниот 1 месец. Стручен тим од Заводот и Музеј Прилеп, домашни експерти, како и еден од најголемите стручњаци за оваа област на Балканот, грчкиот професор Алвалидис Препис, веќе извршиле увид при што било утврдено дека прво што треба да се направи е да се реши проблемот со влагата која неколку децении го уништува фрескоживописот и ѕидовите од црквата прти што постои опасност од нивно уривање.

„Двата проекти кои ни се поднесени се однесуваат на заштита од тој аспект, од хидрогеолошки и геолошки аспект на црквата, а тек потоа да почнеме со реставрација и реконструкција на кровот на црквата, тремот, олтарот“, изјави Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Дел од фреските се неповратно изгубени, а за да не урнат некои ѕидови од црквата тие се привремено заштитени со потпори, а привремено за да не влегува вода внатре црквата е заштитена со дрвено скеле со пластики. Токму затоа ова се последните моменти за сериозен пристап пред да се случи вистинска катастрофа со уривање на самиот храм.

„Крајно време е да ја завршиме таа постапка со која верувам дека секој од нас во Прилеп ќе се гордее дека би почнале нешто и да не дојдеме во ситуација едно такво културно добро во опасност да не профункционира“, додаде Цветкоски.

Друг проблем е што иако во 2021 се обновија опожарените конаци, за нив нема технички прием и не може да се примаат гости, бидејќи се уште не е израден водоводoт за манастирот.