Македонија
13. May 2022 - 16:34

Дали ќе има и кога ќе биде првата заедничка литургија на поглаварите Стефан и Вартоломеј?

Првото заедничко сослужување на Архиепископот г.г. Стефан и Вселенскиот патријарх е можно на празникот Педесетница, Духовден на 12 јуни. Ова го обелодени директорот на Комисијата за односи со верските заедници во телевизиско гостување кој изјави дека е во тек комуникација меѓу двете цркви за договорање на деталите. Даријан Сотирвоски вели дека идејата е тоа да се случи на празникот Духовден ден кој се смета за роденден на црквата а сослужувањето најверојатно ќе се случи во седиштето на Вселенската Патријаршија.

Потврда дека архиепископот заминува во Цариград се уште нема од Синодот, ниту пак од кого ќе биде придружуван. За овој настан Синодот би требало веќе да има испратено благодатно писмо до Цариград. Сослужувањето практично ќе значи формализирање на одлуката на Вселенскиот патријарх за враќање на канонското единство на Охридската Арихиепископија во православниот свет по речиси два ипол века по нејзиното укинување. Овој чин ќе отвори можност за владиците од останатите цркви да почнат да сослужуваат со македонските владици, што во православниот свет ќе значи и директно нивно признавање на МПЦ-ОА.

Неофицијално, голем број митрополити од различни православни цркви веќе испратиле сигнали до македонските владици дека се подготвени веднаш да почнат со заеднички служби кога тоа ќе биде потребно и најсоодветно. Меѓу нив има епископи од Романската, Бугарската, Грчката, Албанската, Александриската православна црква. Но најверојатно тоа ќе се случи откако поглаварите на МПЦ-ОА и на Вселенската Патријајршија ќе ја отслужат првата заедничка литургија. Иако поминаа неколку дена откако е објавена одлуката на Цариград, СПЦ се уште молчи. Од недела ќе почне Соборот во Белград, каде се очекува да се зборува за прашањето со МПЦ, како ќе продолжат преговорите по насоките на Вселенската патријаршија за конечна автокефалност на МПЦ-ОА.