Бизнис
28. February 2018 - 20:22

Дали инвеститорите ја заобиколуваат Македонија? - Германска компанија ги споредувала Македонија и Србија, па ја избрала Србија

Дали големите инвеститори почнаа да ја заобилокуваат земјава? Додека Владата креира нови мерки за привлекување на странски инвестиции, германска компанија од автомобилската индустрија избирајќи меѓу Македонија и Србија се одлучи да инвестира кај северниот сосед, пишуваат медиумите од регионот. Иако еден од најголемите хрватски иноватори и производители на електрични автомобили на социјалните мрежи го потврдува ова, и пишува дека жали што Хрватска не била во игра,  од Владата велат дека станува збор за новинарска шпекулација. Ваква компанија не била во земјава на преговори.

Вчера на владина седница беше раскининат и договорот со украинската компанија Енергија којашто не ги исполнува условите за добивање државна помош. Истата од потпишувањето на договорот во 2014, немала никакви активности. Неисполнети обврски од договорот за инвестирање имаше и фармацевтската компанија Продис. Рускиот инвеститор на државата треба да и плати оштета од близу 157 000 евра.

Во меѓувреме делегација бизнисмени од Саудиска Арабија ги испитува можностите за инвестирање во земјава. Интерес кај арапските инвеститори  има, но сеуште нема информации за конкретно вложување.

- Три дена ги разгледуваме можностите за инвестирање во Македонија. Многу сме задоволни од пријателската средина и луѓето. Се надеваме на конкретна иницијатива за градење мостови меѓу деловните заедници од двете земји, нагласи почесниот конзул на Македонија во Саудиска Арабија.

Останува неизвесно и дали турскиот инвеститор во Веибо ќе остане во земјава. Од Владата велат има две опции. Да донесе нов капитал, да се раздолжи и продолжи со работа или пак фабриката да оди во стечај. Ќе информираат кога ќе има конкретно решение.