Македонија
14. јуни 2020 - 17:25

Дали и кои уредби и со законска сила имаат важност и по истекот на вонредната состојба?

Власта и академиците со различни толкувања дали ќе продолжат да важат уредбите со законска сила донесени од Владата во вонредни услови. Според министерката за правда Уставниот Суд веќе се изјаснил колку ќе траат уредбите.

Уставниот суд веќе се изјасни за времетраењето на уредбите со законска сила и оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба, пишува министерката за правда, Рената Дескоска.

Како што пишува во нејзиното образложение, мандатот на ДИК продолжува, матурантите врз основа на уредбата ќе се запишат во септември на факултет без матурски испит, а оние кои
примаат парична помош врз основа на уредба ќе продолжат да ја примаат и понатаму.

Инаку, во едно од решенијата на Уставен Суд пишува дека владините уредби траат до завршување на вонредната состојба.

Според мислењето на МАНУ, пак, дејството на уредбите со законска сила што ги донесува Владата, може да продолжи и по завршување на вонредната состојба, единствено доколку ги потврди Собранието.

“Уредбите, вклучително тие со кои е предвидено продолжено траење на нивното дејство, мораат со прогласувањето на престанување на вонредната состојба да подлежат на потврдување од страна на Собранието, кое со посебен закон треба да уреди дали тоа дејство продолжува и да предвиди отстранување на нивните последици настапени врз оснона на поединечни правни акти, евентуални компензации итн.”, пишува во резимето на МАНУ.

Но, ситуацијата е комплицирана поради тоа што во моментов нема фукнционално Собрание и нема политичка Влада.