Македонија
28. September 2017 - 19:26

Дали грчката влада води тајни преговори за името?

Нема промена во политиката на Грција кон Македонија и владата не води тајни преговори, тврди заменикот шеф на дипломатијата, Јанис Аманатидис.

Аманатидис, кој одговараше на обвинувањата на пратениците од Нова демократија вели дека единствена промена е што владата работи на зајакнување на регионалната соработка, односно на мерките за градење доверба и тоа во 13 области, за кои нема никакви тајни и се претставени пред грчките пратеници.

Од друга страна, министерот во сенка од Нова Демократија Јоргос Кумуцакос обвини дека успесите во мерките за градење доверба што постојано ги нагласува министерот Коѕијас, се користат од страна на Скопје, но и од меѓународната заедница како форма за притисок врз Грција да ги напушти позициите од самитот на НАТО во Букурешт и заклучоците на Европскиот Совет. Кумуцакос повтори дека владата преговара зад грб на пратениците и побара да знаат за што и како преговара.

Аманатидис пак повтори дека владата им ставила до знаење и на партнерите во ЕУ и во НАТО, но и во Обединетите Нации дека од Македонија очекуваат јасен и ефективен одговор за напуштање на иредентизмот, како круцијален предуслов и за решавање на спорот за името и за евро-атлантските аспирации.

Заменик министерот додава дека надворешната политика и натаму е базирана на обезбедување најдобра можна заштита на националните интереси, што подразбира отфрлање на анахроните и нереалистичи барања од Македонија базирани на минатото, со што би се етаблирале пријателски и реципрочни односи во соработката.