Балкан
13. January 2016 - 9:47

Дали евтаназијата ќе биде озаконета во Србија?

Танјуг - Белград

Правото на евтаназија или како уште се нарекува „убиство од милосрдие‟ може наскоро да биде признато во Србија, така што според сегашната идеја, би се спроведувало во исклучителни случаи и со согласност на лицето за доброволен прекин на животот или со согласност на неговото најблиско семејство. 

Нацрт Граѓанскиот закон (ГЗ). кој до јули 2016 година ќе биде на јавна расправа, ја предвидува евтаназијата како „право на физичко лице на согласен, доброволен и достоинствен прекин на животот, кој може да се оствари ако се исполнат пропишаните хумани, психо-социјални и медицински услови‟.

- Условите и постапката за остварување на право на евтаназија се пропишуваат со посебен закон. вели Нацртот на ГЗ.

Во предложениот текст исто така се наведува дека злоупотребата на евтаназијата, за обезбедување на противправна материјална и друга корист, претставува основ за кривична одговорност.

Меѓутоа, како алтернатива, Нацртот остава на јавноста во тек на расправата да одлучи тој член целосно да се избрише од извршната верзија на кодификацијата, т.е. правото на евтаназија воопшто да не се предвидува.

Убиството од милосрдие во српското законодавство сега се смета за кривично дело. Затоа Комисијата за изработка на Нацрт ГЗ, поради комплексноста за остварување на правото на евтаназија, кое го има покрај правните и медицинските, психолошките и социјалните аспекти, дури по одржаната јавна расправа ќе се изјасни за алтернативен предлог врз основ на аргументи на експертите од различни области и професионални дејности.

Исто така, со евентуално усвојување на основниот предлог – за воведување на право на евтаназија, би се извршила со соодветна промена во Кривичниот закон.

За ова прашање кон средината на декември расправаше и здравствениот сектор при Копаоничкото училиште за природно право, кое го поддржа решението од Нацрт ГЗ.

Доктор Хајрија Мујиќ Зориќ, која е научен советник во Институтот за општествени науки и уредник на здравствениот сектор на Копаоничкото училиште, за Танјуг изјави дека секторот ќе препорача прашањето за активна евтаназија и натаму да се расправа, како и да се разјасни прашањето за пасивна евтаназија чии форми, како што наведе таа, кај нас во пракса во некоја форма се присутни.

Таа објасни дека кај активната евтаназија секогаш се презема некој активен чин или дејство, со одредени процедури со кои се оди на целно предизвикување на смртен крај кај пациентот. Пасивната евтаназија, како што укажа таа, подразбира само дозволување да дојде до последици, т.е. лечење на секундарните последици, намалување на болката, не вклучување на апарат или исклучување од апарат ако тоа конзилијарно се одлучи и со согласност на најблиските.

- Ние сме склони како сектор да ја поддржиме праксата на пасивна евтаназија во стриктно одредени случаи кога тоа целосно е оправдано и медицински и од правна страна и во тој дел го поддржуваме решението од Нацртот ГЗ, наведе Мујиќ Зориќ.

Според неа, ставот на тој сектор е засега да не се оди на екстремни решенија кои се непримерни за нашиот правен систем.

- Постојат протоколи и процедури кои веќе ги имаат развиените земји, а исто така и ние се стремиме Србија да ја усвои таа пракса. Мислиме дека треба да се поддржи тоа што се прави во пракса и да се нарече со вистинско име, бидејќи во некои служби имаме пракса на пасивна евтаназија, која се нарекува некако поинаку, објасни Мујиќ Зориќ.

Ова е само едно од прашањата за „автомонија на пациентот‟ за кое во Србија се расправа, а тоа е не само право на пациентот да бира лекар, туку и начинот на лекување и во крајна линија и тој да ги сноси ризиците и последиците од третманот што ќе го одбере.

Податоците достапни на Интернет, укажуваат дека евтаназијата е овозможена во повеќе европски држави, а Белгија во 2002 година беше прва земја на светот која дозволи еутаназија, а од лани дури и на помлади од 18 години.

Во Холандија евтаназијата е дозволена за постари од 12 години.

Во Франција е дозволен еден вид на пасивна евтаназија од 2005 година, така што се прекинува терапијата на пациентот, но лекарите не смеат да спроведат активна евтаназија.

Во Луксембург евтаназијата е дозволена од 2009 година, но е забранета за малолетници, додека во Швајцарија е на сила директна евтаназија, што значи дека лекарот може на пациентот да одреди смртоносна доза од некој лек, но тој лек пациентот мора сам да го земе.

Во Норвешка, лекар има право да одлучи да ја прекине терапијата на пациент, ако тоа го побара пациентот пред својата смрт или членовите на неговото семејство во случај ако пациентот не може да комуницира со околината.

Во Данска пациент може да има „медицински тестамент‟ кој лекарите мора да го почитуваат. Во Германија се толерира пасивна евтаназија. Германците го користат зборот „sterbehifle‟, но само ако пациентот тоа го сака и јасно го стави до знаење.

Слична е состојбата и во Австрија.

Во Велика Британија евтаназијата е официјално забранета, но лекар може на пациент пред смрт да му даде силна доза на морфиум, иако се знае дека од тоа може да умре, што се правда целта на лекарите да ја отстранат болката.

Во Шпанија, каде Католичката црква е посебно активна во осудување на евтаназијата, законот му дозволува на пациентот право да одбие лекување.

Во Грција и Романија евтаназијата е строго забранета и лекар може да добие до седум години затвор ако ја примени.

Во Полска и Ирска е слично, а лекарите можат да бидат осудени на затворски казни од 5 до 14 години.

Во Србија и БиХ евтаназијата се смета за убиство, додека во Хрватска е забранета, но затворската казна е помала, во зависност од случајот.