Македонија
14. May 2021 - 16:39

Дали е отворена границата со Грција и под какви услови ќе се преминува?

Негативен ПЦР тест не постар од три дена, сертификат за  втора доза на вакцина, примена најмалку пред 14 дена, потврда за прележан ковид и најава на сајтот www.travel.gov.gr.

Ова се условите за влез во Грција кои ќе треба да ги исполнат македонските граѓани. Засега границата може да се мине единствено преку преминот Богородица/Евзони.

За децата помали од пет години, нема да биде потребен ПЦР тест.

Правилникот за влез во Грција делумно го потврди и македонското министерство за внатрешни работи. Во нивното соопштение, не се наведува дека влез во Грција е дозволен со потврда за прележан Ковид.

„Според протоколот за влез, граѓаните од ЕУ, од трети земји и од Репубика Северна Македонија ќе може да оставарат влез во Република Грција преку ГП ,,Евзони“со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или Сертификат за примени две дози вакцини (14 денови поминати од втората доза вакцина), при што ќе бидат признаени сите сертификати за извршена вакцинација, додека за деца до 5 години не е потребен ПЦР тест“.

И македонските власти потсетуваат дека задолжително е секој што планира влез во Грција, ден претходно да го пополни локаторот за патници во кој се бараат информации за евентуална претходна посета на друга земја, преку кој премин ќе поминете и адресата на престој во Грција.

Од МВР појаснуваат дека моменталните правила за влез во Грција ќе важат до идниот понеделник. Граничната рампа ќе биде отворена од 6 наутро до 22 часот по македонско време.