Балкан
20. October 2019 - 15:24

Даде: За разлика од Рама, Заев потврди дека е премиер одговорен пред својот народ

Универзитетската професорка и поранешна шефица на албанската дипломатија, социјалистката Арта Даде, смета дека за разлика од претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, „премиерот Зоран Заев покажа дека е премиер одговорен пред сопствениот народ“.

Таа смета дека Рама целосно потфрлил со неговата Влада, која ја следат скандали и оти тој веќе не може да ја води земјата.

– Премиерот Зоран Заев покажа одговорност пред својот народот. Заев седна со Ципрас да го реши проблемот со името. Велам дека Рама не успеа и не може повеќе да ја води оваа земја затоа што го следат скандал по скандал. Треба да се направи повеќе за изборните реформи, бидејќи изборите за ОДИХР исто така беа далеку од демократски. Треба да се разгледа и прашањето за промена на системот, бидејќи овој систем е деградиран , рече Даде, гостувајќи во емисија на тиранската телевизија „Њуз 24“.

Нејзин став е дека Албанија не ги извршила своите домашни задачи за влез во Европската унија и оти вината не треба да се префрлува врз францускиот претседател Емануел Макрон.

– Не верувам дека е време да покажуваме со прст кон Франција, всушност имаше и други политичари и земји што ја блокираа Албанија, како Холандија и Данска, но и други држави, кога се разговараше да и се даде шанса на Северна Македонија, а Албанија да повторува. Се согласувам дека ЕУ има свои проблеми, но и во претходните години имаше проблеми, но Србија отвори преговори, Хрватска итн., рече Даде.

Посочувајќи неколку области каде, според неа, Владата на нејзиниот сопартиец Рама целосно потфрлила, таа посебно ја нагласи корупцијата.

– Дали борбата против корупцијата функционира или корупцијата дојде на сите нивоа? Да ве потсетам на големата афера за корупција, за која немаме одговорност, дека 1 километар пат чинеше 20 милиони евра. Постои пад на сите нивоа, има пад на бизнисот, на странски инвестиции, нагласи Даде.