Балкан
25. February 2021 - 14:34

Дачиќ: Меѓупартискиот дијалог почнува во март

 Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека дијалогот во кој ќе учествуваат тој и европските посредници ќе почне на 1 март, додека средбите со партиите се очекуваат во втората половина на март.

Дачиќ за РТС изјави дека на 1 март ќе се одржи видео конференција со учество на претседателот на Одборот за надворешна политика на ЕП, Дејвид Мекалистер и четворица медијатори од ЕП во рамките на дијалогот меѓу власта и опозицијата за подобрување на изборните услови.

-Тие сметаат дека тоа е почеток на тие активности, додека средбите со партиите ќе се одржат по првичниот разговор. Го очекувам тоа некаде во втората половина на март, изјави Дачиќ за РТС, запрашан за коментар за најавата на известувачот на ЕП за Србија, Владимир Билчик, дека меѓупартискиот дијалог ќе почне на 1 март со посредство на европарламентарците.

Дачиќ додаде дека е потребно да се дефинираат форматите за тоа кој се ќе учествува и истакна дека сите партии ќе бидат информирани кога ќе се одржи првата седница.

Тој кажа дека како претседател на Собранието има обврска да ги сослуша сите предлози и сугестии на партиите, но, исто така, изјави дека не може да се разговара по принципот на „политички џубокс и фонтана на желби“ и дека „никакви услови не можат да го компензираат недостатокот на поддршката кај граѓаните“.

-Гледам во опозицијата дека има десет платформи и различни верзии … Една од идеите е паралелно уредување на Јавниот сервис и да се променат уредувачките тимови. Искрено, не верувам дека ЕП ќе поддржи каков било предлог против кој тие во суштина се против. Тие секогаш се залагале за јавен сервис надвор од политички влијанија, коментираше Дачиќ.