Македонија
18. July 2016 - 15:16

Да се врати авиолинијата Скопје - Подгорица - Сараево, бараат туристичките работници од регионот

Враќање на авиолинијата Скопје - Подгорица - Сараево, изградба на автопатот Скопје - Приштина и негово поврзување со автопатиштата Приштина - Призрен и Призрен - Тирана, се клучните инфраструктурни зафати за интензивирање на туризмот меѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. За привлекување, пак, што повеќе странски туристи во регионот, особено од подалечните земји како САД, Канада, Јужна Кореја, Кина, Малезија..., неопходно е креирање заедничка понуда и промоција на трети пазари.

Ова е пораката од денешната прес-конференција што ја организираше Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори (ССК), а на која присуствуваа амбасадорите на Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија, Душанка Дивјак Томиќ, Предраг Митровиќ, Лепа Бабиќ и Фатос Река.

Туризмот, подвлекоа амбасадорите, не е само храна и сместување, туку вклучува многу аспекти, а најбитни се инфраструктурата и транспортот. 

Според нив, таргет на понудите кои допрва ќе се креираат треба да бидат, пред се, туристите кои ги посетуваат земјите од опкружувањето, Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија,... Во овој пакет би било добро да се вклучени и Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија.

- Вкупно 240.000 туристи од Јужна Кореа лани ги посетиле Словенија и Хрватска, но ниту еден од нив не дошол кај нас, напомена претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим.

Тој го потенцира значењето од изградбата на автопатот Скопје - Приштина и негово поврзување со автопатиштата Приштина - Призрен и Призрен - Тирана зашто на тој начин, патувањето од Скопје до Сараево би се скратило од сегашните 16, на 11 - 12 часа.

- Денес побрзо се стигнува од Скопје до Рио, за 12 часа, отколку од Скопје до Сараево за што ви се потребни цели 16 часа, предочи Керим.

Српската амбасадорка Дивјак Томиќ истакна дека и покрај одличната соработка, меѓу земјите од регионот се уште има многу туристички можности кои засега се неискористени. 

- Како мали земји, треба да посветиме големо внимание на заеднички проекти и активности, посебно за гостите од подалечните држави. Регионот би имал одлична туристичка перспектива ако понуди проект во кој би ги вклучил вековното културно богатство и традицијата., потенцира  Дивјак Томиќ.

За амбасадорката на БиХ Лепа Бабиќ, предноста на регионот е што има понуди кои ги задоволуваат глобалните туристички барања. 

И според неа, приоритетно е воспоставувањето на авиолинијата Скопје - Подгорица - Сараево, со можност понатаму, да се вклучи и Тирана.

Амбасадорот Река исто така порача дека е неопходно земјите од регионот да се фокусираат на меѓусебно поврзување и создавање заедничка понуда.

Бројот на туристи од Србија минатата година во споредба со 2013-та се зголемил од 38.127 на 43.613. Раст е забележан и на бројот на туристите од Црна Гора, Албанија и Бих.

Керим на прес-конференцијата информира дека Комисијата за категоризација на угостителските објекти почна со вршење увид поради што, апелира, компаниите навреме да поднесат барање до министерството за економија.