Loading Video...
Ракомет
20. April 2018 - 12:53

Да се повтори историјата: Вардарци преку германски тим до нов настап на фајнал-фор во ЛШ

Ракометарите на Вардар ги очекува еден од најважните периоди сезонава. Во недела црвено-црните ќе го одиграат првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите против германскиот Кил. 
 
Вардарци патуваат за Германија, каде во недела ги продолжуваат дуелите од елитното натпреварување. Откако го освоија првото место во својата група, а со тоа се изборија и за директен пласман во четвртфиналето, ракометарите на Вардар сега се пред двомечот со Кил преку кој ќе се брка нов настап на завршниот Ф4 турнир во Келн. 
 
Екипата на Кил не е нималку наивен противник. Сепак станува збор за трикратен  освојувач на Лигата на шампионите, тим во кој има неколкумина искусни интернационалци. 
 
Досега Вардар и Кил одиграа само два меча и тоа во групната фаза во сезоната 2009/2010 во кои  германскиот тим се радуваше на две победи и тоа на домашен терен со 16 гола разлика (39-23), а подоцна ја освои и шампионската титула.  
 
Доколку избраниците на Гонзалез одиграат на нивото на кое го одиграат завршниот турнир во СЕХА конкуренцијата, тогаш може да се надеваат и на позитивен резултат пред реванш дуелот во Скопје. 
 
Но, и минатата година германска екипа беше противник на Вардар во четвртфиналето, а тогаш црвено-црните во двата меча го победија Фленсбург, а потоа во Кел стигнаа и до титулата. 
 
Зошто да не повторно да биде така и сезонава, па вардарци да го одбранат шампионскиот трофеј. 
 
 Неделниот дуел меѓу Кил и Вардар ќе стартува во терминот од 17 часот, а возвратниот во Скопје ќе се игра седум дена подоцна.