Спорт плус
19. May 2018 - 17:10

Да се освои Сребрената лига

Нашите најдобри одбојкари денеска на прес конференција во х. Континентал ги претставија своите амбиции во новата Сребрана  лига во која стартуваат утре со натпреварот во Косово. Во јавноста за првпат се појави и новиот селектор Љубомир Травица  кој најави комплетирање на тимот во наредните денови со желба за што подобро воигрување до стартот на Ф4 турнирот кој ќе се игра на 15.16 Јуни во Македонија што значи и директно учество за нашата репрезентација. Македонија го игра петтото издание на Европската лига и досега загуби три пати во финалето. Капитенот Никола Ѓорѓиев очекува конечно да се смени менталитетот иако во тимот има многу нови играчи.
„Не знам што да ви кажам за конкурентите. Јас би рекол најголем противник на нас сме ние. Ете три години по ред играме финале и го губиме и во сите три години полуфиналето и финалето се различни натпревари, како да не сме истата репрезентација. Дали тој збор финале, тој притисок го прави своето - не знам. Меѓутоа ова е изменета репрезентација, од овој состав само 3-4, всушност, сме играле финале, другите или не биле во составот или биле на клупа. Така што на нам, на тие три-четворица останува да ја сменеме плочата во глава и да одиграме најдобро кога ќе биде потребно“-изјави нашиот капитен пред медиумите. 
Македонија утре во 16.30ч игра против Косово па потоа патува за летонија. Последниот меч во групата е со Австрија на 27. Мај. 
Во втората група од Европската лига се Хрватска, Белорусија, Унгарија и  Албанија.