Живот
26. December 2018 - 14:33

"Да се каже "Среќен Божиќ" е полош грев од убиство, прељуба и лаги заедно": Изјавата на канадскиот имам предизвикала бура од негодувања

Муслиманите треба да бидат навредени од луѓето кои го обожуваат Исус Христос како Бог, а посакувањето некому "Среќен Божиќ" е поголем грев од убиство, порачал канадскиот имам Јунус Катрада во текот на молитвата која ја одржал во неделата.

Шеикот Јунус држел предавање пред муслиманската младина во Викторија, неколку дена пред Божиќ, и во таа прилика изјавил дека честитањето на христијанските празници всушност значи дека тие празници се одобруваат. 

"Ако личноста го стори секој голем грев - прељуба, лага, убиство... Ако ги изврши сите тие големи гревови, тоа е ништо во споредба со тоа што им ги честита лажните празници на немуслиманите", рекол Катрада, чие предавање е објавено на Јутјуб.

Тој подоцна додал дека "тоа не значи дека немуслиманите треба да ги третираат луѓето од другите вери на лош начин", и покрај тоа што тој лично ги смета за "непријатели".

"Сега кога сме блиску до Божиќ, со голема тага гледаме дека меѓу нас има и такви кои мислат дека тоа е небитна работа, ако им го честитаме празникот и славењето, но со тоа и ние учествуваме во нив... Знаете ли дека ние мораме да бидеме навредени кога луѓето велат дека го обожуваат Исус или кога тврдат дека тој е Божјиот син? Зошто нашите срца не реагираат?", се запрашал тој.

Откако биле објавени овие проповеди на социјалните мрежи, Фејсбук страницата на Катрада била исполнета со божиќни честитки. Инаку, канадскиот имам е познат и од претходно по своите контроверзни изјави - тој пред 14 години бил испрашуван од страна на канадската антитерористичка единица по изјавата дека Евреите се "браќа на мајмуните и свињите" во текот на едно проповедање во Ванкувер.

Јунус исто така ги критикува и муслиманите кои сакаат да го премостат јазот со припадниците на другите вери.