Македонија
28. January 2020 - 15:10

Да се искористат сите програми за ракот на грлото на матката да се открие во рана фаза

Ракот на грлото на матката е една од најпревентабилните ракови кај човекот. Од почетокот на 21 век има вакцина против причинителот на ракот, тоа е хуманиот папилома вирус, а исто така се повеќе се усовршуваат методи на рано откривање. Потребно е да продолжи едукацијата и информирањето на населението, како и едукација на младата популација. Ова е заклучокот од денешната трибина за ракот на грлото на матка, што го организира Здружението за борба против рак  „Борка – за секој нов ден“.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска се одбележува Европската недела на борба против ракот на грлото на матката.

– Во текот на 2019 година интензивно работевме на унапредување на програмата во рамки на Министерството за здравство за превенција од оваа болест. Во рамки на програмата се испраќаат покани во три возрасни групи кај пациентките ширум државата и се прават редовните скрининзи. Со тоа што се анализираат резултатите и рано се интервенира доколку се најде некоја неправилност, во смисла првична промена на епителот на цервиксот на матката, рече Филипче.

Потенцира дека ако оваа болест се открие во рана фаза, може да се спречи напредокот, односно да се спречи понатамошниот степен на малигнизација. Филипче посочи дека има и четиривалентна вакцина која е влезена во редовниот календар за вакцинација и штити од најчестите предизвикувачи на ракот на грло на матка, но и на некои бенигни промени. Опфатот со вакцинација од оваа вакцина е некаде над 50 отсто.

Филипче информира дека како пилот-проект во рамки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје ќе се спроведува тестирање од ХПВ вирусот. Доколку тестирањето се изврши тоа значи дека жената во следните пет години ќе биде ослободена од редовни скрининзи, да не мора да оди секоја трета година и доколку се детектира да се постапи согласно европските протоколи.

Претседателката на Здружението „Борка – за секој нов ден“ Биба Додева изјави дека веќе 11 години ја одбележуваат Европската недела за подигање на свесноста за ракот на грлото на матката.

– Овој рак е превентабилен, односно жените можат да го препознаат како предракови состојби, ЦИН 1 и ЦИН 2. Има вакцина, има скрининг програми и нашиот апел да се искористат сите програми за да може тој да се детектира во рана фаза, каде лекувањето е навистина успешно, рече Додева.

Таа потенцира дека по 11 години веќе се гледа напредокот во  она што го работат како здружение заедно со релевантни институции и Владата. Во 2009 година бројот на новодијагностицирани изнесуваше над 500 нови случаи од рак на грло на матка, сега тој број е над 200 или за скоро половина се намалени новодијагностицираните. Додева рече дека ќе продолжат со едукација и информирање на населението, разни трибини низ градовите и едукација на младата популација.

Претседателот на Македонското здружение за цервикална патологија, колпоскопија и ХПВ Горан Димитров посочи дека постепено ПАП – тестот оди во историјата и додаде оти 21 век е век на ХПВ тестирање како примарно и да се види кои жени се заразени. Потоа да се направи дијагностичка постапка и рано да се открие.

– Подобро е да се спречи, отколку да се лечи. Не само заради човечката трагедија, заради социјалната и финансиската трагедија, туку и заради општочовечката трагедија, изјави Димитров.