Македонија
28. December 2016 - 15:25

Да се чистат оџаците апелираат пожарникарите од Делчево и Берово

Од делчевската Територијална против пожарна единица ТППЕ апелираат граѓаните редовно да ги чситат оџаците, бидејќи во овој период најголема опасност по безбедноста на имотот и животот на граѓаните доаѓа од запалените оџаци.

Командирот на ТППЕ од Делчево, Јонче Атанасовски, истакнува дека статистиката од нивната досегаша работа потврдува дека оџаците доколку не се чистат редовно, претставуваат опасност по имотот и животот на граѓаните.

- Аплеираме во текот на грејната сезона најмалку два пати да се чистат оџаците. Оваа година за разлика од претходните, имаме помал број на запалени оџаци и мислам дека проработе свеста кај граѓаните. Пожарите на оџаците најчесто се случуваат во ноќните часови кога и температурите се пониски, па полесно се палат саѓите и доаѓа до пукање на ѕидовите што е опасно и поради навлегување чад , односно јаглерод моноксид кој може да доведе до гушење, предупреди Атанасовски.

Во Делчево 90 проценти од населението се затоплува со огревно дрво, а тоа е практика и во колективните згради за домување.

- Недоамна имавме запален оџак во зграда во центарот на Делчево, при што имаше материјална штета по линијата на оџакот во сите 4 станови, но исто така, се создаде и паника. Ние реагиравме навремено, па затоа денеска го испраќаме овој апел. Посебно, зашто имаме информација дека оваа година, повеќе домови се затоплуваат со борово дрво кое е доста поевтино и кое при согорувањето најмногу ги затнува оџаците, рече Атанасовски.

Само овој месец делчевските пожарникари интервенираа на гаснење на десетина запалени оџаци, а исто толку гаснеле и беровските пожарникари.

-Деведест проценти од проблемите кои ги имаме во овој период доаѓаат од запалените оџаци. Граѓаните користат за огрев различна дрвна маса и ги затнуваат димоводните канали, затоа апелираме за редовно чистење на оџаците, и пред стартот на грејната сеозна и во текот на сезоната, истакна Димитар Букушевски, командир на ТППЕ Берово.

Беровските пожарникари пред една недела ганселе и шумски пожар на месноста Петлец, каде била опожарена површина од 10 хектари на сува трева, нискостеблеста шума и бор.