Македонија
9. March 2021 - 11:36

Д-р Пановски: Полициски час предлагав уште во октомври

Нема да има голема штета од воведувањето полициски час, бидејќи тоа нема да влијае на економијата, а се надевам дека ќе ја намали трансмисијата на вирусот, изјави микробиологот проф. д-р Пановски за „Слободен печат“, коментирајќи ја препораката на Комисијата за заразни болести за воведување на полициски час кој би почнувал од 22.00 часот па се до 05.00 часот наутро.

Тој смета дека со оваа мерка ќе се спречи движењето на помладите во вечерните часови, за кои вели декаго шират вирусот меѓу своите семејства.

– Ќе се спречи шетањето на помладите, а посебно средношколците и студентите ќе бидат ставени под контрола. Се надевам и дека ќе има ефект и на образованието, учениците можеби ќе си легнуваат порано за да станат навреме да се приклучат на настава – додава д-р Пановски.

Тој истакна дека уште во октомври ја предлагал оваа мерка.

– Токму тоа е целта на мерката, поради економски причини не се носат поинакви мерки. Јас оваа мерка ја предлагав уште во октомври кога имаше многу повеќе случаи, но не беше прифатена, не знам зошто, така што сега не можам да кажам дека не е добра. Не знам дали ќе се намали ширењето за 5 или 10 отсто, но во секој случај позаштитени сме ние возрасните кои живееме со деца и внуци – посочи Пановски.