Македонија
27. January 2022 - 9:08

Д-р Даниловски: „Новото нормално“ ќе го имаме веќе летово

Кон крајот на јануари – почетокот на февруари кривата ќе почне да се спушта. До крајот на февруари-почеткот на март би требало да достигнеме ендемично ниво од просечно неколку десетици случаи дневно. Имајќи го предвид нивото на колективниот имунитет, кој ќе достигне преку 95 проценти, „новото нормално“ ќе го имаме веќе летово. Порано или подоцна, така ќе биде и во Европа и САД, изјави д-р Драган Данаиловски за Фактор.

Тој даде детално објаснување зошто луѓе кои се целосно вакцинирани или пак веќе прележале Ковид 19 повторно се заразуваат.

-Пандемијава трае веќе две години. Сега имаме работа со омикрон, кој не го „признава“ целосно стекнатиот имунитет од прележување или вакцинирање или комбинирано. Оние што прележале во почетокот, а не се вакцинирале, веќе одамна немаат заштитни антитела и се подложни на реинфекција. Вакцинираните со две дози, исто така. Заштитата на прележаните, а вакцинирани со две дози (т.н. хибриден имунитет) е најсилен и најдолго трае во однос на сите други варијанти. Но и тој се намалува со тек на времето. Тука од важност е и типот на вакцината. Кинеските нудат најмала или никаква заштита, Фајзер најсилна, а некаде во средината се Спутник и Астра Зенека. Постои заштита од хоспитализација и смрт, повторно варијабилна, во зависност од времето поминато од прележувањето/вакцинирањето, како и од типот на вакцината.  Се покажало дека спасот е во третата доза! Таа го зголемува нивото на неутрализирачки антитела за 100 пати. Тоа овозможува заштита од заразување до 50 проценти, од хоспитализација околу 90 проценти, а од смрт уште поголема. Наравоучението е јасно! Но, има тука уште еден момент. Кај нас и понатаму смртноста е повисока во споредба со сите други земји во регионот. Делумно, причина за тоа е што делта е и понатаму присутна, но дефинитивно причина е и несоодветното лекување. Ние сме една од ретките земји, ако не и единствена, која нема официјален протокол за лекување на ковид! Протокол кој ќе важи задолжително за сите доктори кои работат со ковид пациенти! А ќе важи само ако тој протокол биде донесен како подзаконски акт (Упатство согласно медицина базирана на докази), врз основа на член 27, став 1 на Законот за здравствена заштита. Без такво упатство, лекувањето на ковид болните е незаконско!, кажа епидемиологот.