Македонија
24. August 2021 - 11:11

Д-р Балоски: Ламбда сојот е со тројна мутација, кај и да е ќе дојде и кај нас

Пулмологот д-р Марјан Балоски вели дека Делта сојот е ризик за младите на возраст од 18 до 30 години. Тој во изјава за ТВ 24 рече дека симптомите на оваа варијанта се поинакви, но само на почеток, а потоа состојбата драматично се влошува.

- Во почетокот можете да имате главоболка, кивавица, течење на носот и да помислите сте седеле под клима или сте возеле со отворен прозорец, или да мислите дека баш сега сте добиле алергија за првпат. Најчесто младите мислат дека не е ништо сериозно, а го шират вирусот, па затоа сакам да испратам еден апел до сите кои првично сметаат дека имаат симптоми на алергија или настинка да се изолираат поради можноста да се преносители на Ковид-19, вели Балоски.

Тој како пулмолог рече дека е неблагодарно да прогнозира кога ќе биде пикот на четвртиот бран, но додаде дека треба да се подготвиме за Ламбда сојот кој се очекува да го има и во земјата.

- Се работи за тројна мутација. Постои, кај и да е ќе дојде кај нас. Секој да даде личен допринос и едноставно да ги почитува правилата за да спречиме несакано губење на животи, истакна докторот.