Бизнис
14. February 2016 - 15:17

Цветков: Ќе гледаме да се најде рок за исплата на грозјето, задоволувачки за лозарите и за винарите

Најголем проблем за лозарите е исплатата на грозјето кое со закон треба да се плати во рок од шест месеци. Има барање од лозарите рокот да се намали за кој и ние како Министерство мислиме дека е предолг. Ќе гледаме да се најде рок, кој ќе биде задоволувачки и за лозарите и за винарите.

Ова го изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, кој денеска присуствуваше на манифестацијата Свети Трифун во Кавадарци. Тој заедно со генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски закрои винови лози на лозовите насади Лепово на оваа винарија во Неготинско.

Изминатата година министерот Цветков ја оцени како одлична и посака и годинава да биде таква, па и подобра. Посочи дека околу 50 проценти од средствата за откупеното грозје веќе им се исплатени на лозарите.

- Безцаринските квоти за ЕУ за минатата година се веќе исполнети, виното оди и е барано. Радува фактот што од година во година се зголемува флашираното вино кое е и наш таргет, нагласи Цветков.

Тој потсети на квалитетните услови кои земјава ги има за производство на квалитетно грозје и производи од грозје. 

- Педолошката карта е веќе изготвена и следува реонизација на површините според неа. Науката ќе каже кои култури најмногу успеваат на одредена локација и ние нив ќе ги субвенционираме, рече Цветков и најави обука за лозарите од страна на врвни стручњаци.

Потенцира дека согласно законот, кој нема да го плати грозјето во законскиот рок му следуваат казни и се додека не го плати грозјето нема да има лиценца за откуп наредната година.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека откупната цена на грозјето не ја определува Министерството, туку неа ја одредува пазарот.

- Ако е цената под трошоците кои ги вложиле лозарите ние како Министерство помагаме со интервентни субвенции, рече Цветков, потсетувајќи и на другите стимулации кои ги даваат за лозарите.