Македонија
10. August 2015 - 11:58

Цветанка Јованова со изложба во Котор, Црна Гора

Македонската реномирана ликовна уметница својата изложба ќе ја има во просториите на Градската галерија Котор на 13.08.2015 година

Цветанка Јованова (1979), според својата основна жанровска определба и ликовна едукација, првенствено е графичарка.

Сепак, нејзините нови ликовни дела од циклусот насловен „Оганот од внатре“, непогрешливо сведочат, дека оваа визуелна уметница не го фокусира својот творечки модел исклучиво на разиграниот запис на линиите и воопшто доминацијата на цртежот. Очигледно понесена (и енергетски „совладана“) од својот (астролошки) огнен темперамент – Јованова жизнерадосно се впушта во нов „мегдан“ – истражувајќи ја експлозивната колористичка магија и густо населениот флуид на боите.

Во својата ликовна поетика, Јованова се вдахновува и надоврзува на (апстрактно) експресионистичкиот манир, чиишто колоритни потези и динамика се чини идеално и’ прилегаат на нејзината темпераментна природа и бу(р)ен сензибилитет.

Сликите на Јованова се воглавно ноктурна: „украдени“ ноќни призори и сведоштва за полу-заборавените и под-заборавените староградски, или, старински куќи, сокриени во зафрлените улички и непознатите, тајни пасажи на градскиот лавиринт. Или, призори на живописни полиња и лозја, осамено распослани и ранливо изложени пред љубопитниот трагач по тајни аналогии, како и крајбрежни слики на манастири, на чии неба  се одвива вечната борба на доброто и злото, на неспокојството и мирот.

Потезите на четката се видливо раздвижени, на места, драматични според својот ритам и густина на наносот, а  се’ присутниот маринско-син колорит го збогатуваат мистично - виолетови нијанси, контрастно поставени до интензивно жолтите и огнено црвените јазици на вжарено обоеното поднебје. Така, во овие јужни предели, светлината зрачи и ноќе –– кога сонцето на небото „се сели“ во нескротливиот отсјај на платното.

„Оганот од внатре“ – благодарение на својот љубопитен и комуникативен пристап, динамичниот и живописен колорит, како и нагласениот внатрешен ритам  – е на пат да ги пронајде своите ликовни “соговорници“ и поддршка во другите културни простори!