Македонија
16. April 2021 - 19:38

ЦУК кај себе наоѓа само мали пропусти за смртта на Златко од кратовско

Мали пропусти утврди Комисијата на ЦУК за случајот со сточарот Златко Божиновски, но проблемот е мултиинституционален. Директорот  Ангелов вели и други институции треба да утврдат дали во нивната работа имало пропусти.

-Претходната недела упатив едно барање до Министерството за здравство кое што треба да одговори дали и колку се почитувани медицинските протоколи. Истото го побаравме од МВР, бидејќи и дежурниот полицаец можел да ја проследи информацијата нагоре, па неговите надредени да ја проследат до директорот на БЈБ кој што има овластување да подигне хеликоптер. Но, тој не знаел за овој настан. Истото го побаравме и од Министерството за локална самоуправа. На крај одговорноста ќе ја утврди Јавното обвинителство, вели Ангелов.

Пропусти имало во комуникацијата. Комисијата утврдила дека оперативците не ги известиле Дирекцијата за заштита и спасување и Армијата. Поради извештајот во ЦУК ќе биде формирана и дисциплинска комисија за утврдување одговорност.

ЦУК сега ќе работи за надминување на сите недостатоци во системот. А главната промена, е воведувањето на бројот 112 во следните шест месеци.

Итната медицинска помош на 31-ви март цели пет часа по тежок планински терен пеш на импровизирани носилки го носеа сточарот Златко по тежок планински терен. По речиси една недела во болница, Златко ја загуби битката со крварењето на мозокот и хопотермијата.