Македонија
2. January 2018 - 16:35

Црвениот аларм за аерозагадување се запали уште во првиот ден - Тетово и Скопје најзагадени во европа во 2017

Скопје ја заврши 2017 и ја почна новата година како најзагаден град во Европа. Според европските мерни станици главниот град и Тетово ја предводат листата  најзагадени градови на европскиот континент. При врвот се и на светската листа а индексот на  ПМ 10 честички се движи од 5 до 10 пати повеќе од дозволеното. Во смог и чад се разбудија скопјани на први јануари. Иако поради неработниот ден за празниците, фреквенцијата на возила беше значително намалена, тоа не придонесе за почист воздух во метрополата. Граѓаните во Лисиче и Аеродром вчера дишеа отров, концентрацијата на штетни честички достигна над 600 микрограми на метар кубен. Досегашните мерки на надлежните власти не даваат резултати, иако од таму велат дека итните мерки  ќе стапат на сила доколку два дена последователно загадувањето ги надмине дозволените граници.

Во меѓувреме од вчера  стапија на сила дел од долгорочните мерки на градот. Од 7.30 до 18 часот на дистрибутерите им е забрането да истовараат стока во центарот на Скопје. Иако беа  најавени засилени инспекциски контроли, дел од доставувачите ја прекршија забраната и повторно запирајќи на улица со вклучени автомобили истовараа производи. Во дебар маало речиси пред секоја кафеана, маркет,  продавница и фирма се примаше стока.

На булеварите каде патролираше полицијата сликата беше поинаква, но сепак на некои места интервенираше и пајак службата. Доставувачите службените возила треба да ги паркираат на јавни паркинзи. Забраната не се однесува на фирмите  кои имаат обезбедно простор за дотур на стока.