Македонија
12. October 2016 - 18:48

Црните страници на УДБА промовирани во Струмица

Започна промовирањето на едицијата ,, Црните страници на Удба,, низ Македонија. После Скопје, Струмица е првиот град во кој  државниот архив го промовираше материјалот составен од 16 книги во девет тома  во кои на 13 500 страници се објавени 202 досиеја. Директорот на државниот архив Филип Петровски  вели дека содржината на едицијата  претставува многу мал дел или само 2% од материјалот што се чува во државниот архив.

,, Ние во државниот архив чуваме околу 630 000 страници кои што покажуваат еден многу чуден однос на тогашната држава кон сите патриоти и кон секоја македонска промисла. Материјал кој што досега не беше достапен за историската наука, не беше достапен за проучување и анализирање и по наше мислење материјал кој ќе придонесе во многу да се смени односот, односно да се напише поновата македонска историја на начин на кој што навистина се одвивала.,, вели Филип Петровски – директор на државен архив на Македонија

Од државниот архив најавија дека едицијата ќе биде промовирана насекаде низ Македонија, но и дека истата веќе може да се најде во библиотеките и книжарниците. Од таму најавуваат продолжување на овој процес, а следната фаза што ја планираат е собирање на сведоштва од блиските на лицата за кои во периодот од 1945 до 2000 година биле водени посебни извештаи.