Балкан
5. May 2021 - 12:19

Црна Гора тврди дека поставила европски рекорд: Вакцинирани 1,5 отсто луѓе во еден ден

Во Црна Гора околу 10.000 лица примиле вакцина првиот ден од масовната вакцинација, што е 1,5 проценти од вкупното население во земјата, соопшти денеска Министерството за здравство на државата.

На тој начин, како што пресметаа црногорските здравствени власти, Црна Гора поставила европски рекорд по бројот на дози дадени за еден ден, пропорционално на бројот на жители. Според достапните податоци, досега рекордер беше Германија, која вакцинираше еден милион жители за еден ден, што е 1,2 проценти од нејзиното население.

– Ова е успех на целата земја, со акцент на граѓаните чија свест за важноста на вакцинацијата е за чиста десетка, истакна црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ.

Масовната вакцинација на населението во Црна Гора започна вчера откако 200.000 дози од вакцината Синофарм беа доставени од Кина за време на викендот.