Балкан
16. April 2021 - 17:26

Црна Гора го враќа животот во нормала, бројот на болни преполовен за еден месец

Здравствените власти на Црна Гора денеска, еден месец по воведувањето на строги епидемиолошки мерки, одлучија да го вратат животот речиси целосно во нормала со укинување на повеќето рестриктивни мерки.

Како што беше најавено на прес-конференција, од утре угостителските објекти повторно ќе можат да работат до 23 часот, а продавниците и комерцијалните активности ќе бидат отворени до 22 часот, се отвораат и училиштата и градинките и образовните и културните институции.

Исто така повторно се отвораат и фитнес и трговските центри, како и обложувалниците.

Мерката за полициски час останува на сила од полноќ до 5 часот наутро, потоа забраната за движење меѓу општините за време на викендите и обврската да се носат заштитни маски на отворено и во затворен простор.

Строгите епидемиолошки мерки воведени од Црна Гора кон средината на март, кои вклучуваа полициски час од 21 до 5 часот наутро, затворање на училишта и градинки, забрана за движење меѓу општините и затворање на детски игралишта и трговски центри, дадоа резултати и бројот на активни случаи е преполовен.

Особено се забележува пад на бројот на пациенти на дневна основа, кој последните денови падна под 200.

За споредба, во првите три месеци од годинава, просечниот број на пациенти на дневна основа беше поголем од 500, што е близу 0,1 процент од населението во земјата, а според овој параметар, Црна Гора беше меѓу водечките земји во светот.

Вакцинацијата во Црна Гора почна на 20 февруари со донирани вакцини „Спутник В“ од Србија.

До крајот на месецот, црногорските здравствени власти очекуваат уште 200.000 кинески вакцини и нови дози на „Астра-Зенека“, кога ќе започне процесот на масовна вакцинација.

Досега вакцина примиле нешто повеќе од осум проценти од црногорското население. Од почетокот на пандемијата, коронавирусот е потврден кај повеќе од 95.000 Црногорци или 15 проценти од населението во земјата.

Од Ковид-19 починале вкупно 1.412 лица