Македонија
21. јуни 2017 - 13:51

Црн вторник во Македонија: Два животи трагично загубени, три деца тешко повредени

Вчера околу 17.30 часот на ул.„1“ во с. Арачиново, скопско, се случила сообраќајна незгода во која лицето А.С. (29) од с.Арачиново, управувајќи теренско возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, удрил во пешаците С. Ш. (60), кој починал на местото и едно шестгодишно дете, кое било пренесено во Ургентен центар Скопје за укажување на лекарска помош. 
 
После настанот возачот А.С. го напуштил местото, а во полициска станица се пријавил во 20.30 часот и изјавил дека бил нападнат од непознато лице и затоа побегнал од местото. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 
Вчера вечер околу 23.00 часот на автопатот Градско- Велес се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Мазда 626“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Н.З. (19) од Велес и патничко возило „Цитроен АХ“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на В.А. од Куманово, а управувано од непознато лице. Според пронајдената лична карта во возилото, можно е да се работи за Б.С. (42) од с.Псача, кривопаланечко.
 
Во незгодата од здобиените повреди на местото починал возачот на возилото „Цитроен АХ“. Смрт е констатирана од страна на лекар од Здравствен дом Велес. Со телесни повреди се здобиле сопатниците од возилото „Мазда 626“ С.З. (46) и еден 16-годишник, кои со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Општа болница Велес, а по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Велес.
 
По наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција во институтот за судска медицина во Скопје. Сообраќајот бил во прекин до 02.30 часот на 21.06.2017 година.
 
Вчера околу 16.00 часот на регионалниот пат .Лисиче – с.Дреново (велешко) се случила сообраќајна незгода во која С.Б. (58) од с.Д.Јаболчиште, општина Чашка, управувајќи патничко возило „Фолксваген Туран“ со велешки регистарски ознаки, излетало на левата страна од патот и удрило во земјен брег. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобилo петгодишно дете од с.Д.Јаболчиште, на кое му била укажана лекарска помош во Општа болница Велес, по што билo испратенo на понатамошно лекување на клиниката за Детска хирургија во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Велес.

Вчера околу 19.00 часот на регионалниот пат Берово – Делчево, на место викако „Слатина“, се случила сообраќајна незгода во која Б.С. (24) од Кочани, управувајќи патничко возило „Опел Вектра“ со кочански регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото, преминал на спротивната сообраќајна лента и директно удрил во патничко возило „Ауди А4“, управувано од Г.П. (31) од Берово . Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле возачот Г.П., кој е задржан на лекување во Медицински центар Штип и сопатничката во патничкото возило „Опел Вектра“, С.С. (44) од с.Бања, општина Чешиново-Облешево, која била пратена на лекување во Клинички центар Скопје.

Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС ОН Берово.