Свет
9. September 2016 - 20:22

Ципрас: Земјите од Јужна Европа несразмерно настрадаа од економската криза

Земјите од Јужна Европа во последните години несразмерно настрадаа од економската криза и ја понесоа најголема тежина од миграциската криза, оцени денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас на отворањето на состанокот на лидерите на европските медитерански држави во Атина, пренесе ТАСС.

Грчкиот премиер истакна дека европските медитерански држави се наоѓаат на предната линија на Шенген зоната и се најмногу погодени од миграциската криза. Тие се земји од еврозоната, кои граничат со нестабилните региони на Блискиот Исток и Северна Африка.

- Но европските медитерански земји имаат не само заедничко искуство во кризите, тие имаат заедничка историја и богатството на култури и религии, истакна Ципрас.

На средбата, свикана на иницијатива на Ципрас, учествуваат претседателите на Франција и Кипар Франсоа Оланд и Никос Анастасиадис, премиерите на Италија, Португалија и Малта Матео Ренци, Антониу Кошта и Џозеф Мускат и претставникот на шпанската влада Фернандо Егидату.

На средбата се разгледуваат три основни теми - надворешна политика на ЕУ, со акцент на регионалната безбедност, економскиот развој и европската политика во врска со миграциската криза.

- Ни треба нова визија за Европа, рече Ципрас на средбата на групата, која често е нарекувана „Клуб Мед“ (од Медитеран), иако Португалија не е медитеранска земја, пренесува БТА.

Пред средбата, грчката влада повтори дека самитот на европските медитерански држави „во никој случај" не е замислен како фронт против земјите членки на ЕУ на север.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој учествуваше на состанокот на министрите за финансии од ЕУ во Братислава, го минимизираше значењето на средбата во Атина, јавува ДПА.

- Мислев дека е средба на партиските лидери и нема да коментирам. Кога лидери на социјалистички партии се среќаваат, обично ништо многу паметно не излегува, рече Шојбле.

Германскиот пратеник Манфред Вебер, кој претседава со групата на Европската народна партија во Европскиот парламент, изјави: - Премиерот Ципрас ги применува своите вообичаени трикови. Она што сега и треба наЕвропа е единство, а никако не нови обиди за поделба.