Балкан
19. May 2018 - 13:30

Ципрас телефонски ги информираше лидерите на политичките партии за текот на преговорите

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на лидерите на грчките политички партии во телефонскиот брифинг им ја повторил владината позиција за сложено име за севкупна употреба, уставна ревизија и спроведување на истата како предуслов за интеграција во меѓународните организации, соопштуваат од неговиот кабинет.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на името, Ципрас ги известил претседателите на партиите дека владата не оди кон поспецифични дискусии, доколку прво не се исполнети предусловите.

- Го потенцираше неопходниот предуслов за уставна ревизија кај соседот, што ќе елиминира секаков вид на иредентизам, но и потребата за спроведување на уставната ревизија како основен предуслов за интеграција во меѓународните организации. Премиерот ги извести политичките лидери во врска со името, дека позицијата на владата е да не оди кон поспецифични дискусии, доколку прво не се исполнети горенаведените предуслови, соопштуваат од кабинетот на Ципрас во однос на телефонските разговори со лидерите, без да има дополнителни детали со кого разговарал и каков одговор добил од неговите соговорници.

Како што утрово објави МИА, од грчката опозициска Нова демократија, соопштија дека лидерот на партијата, Кирјакос Мицотакис и вчера имал телефонски разговор со Алексис Ципрас.