Македонија
4. January 2018 - 16:06

Ципрас свика коалициски состанок за името- Коѕијас оптимист за решение

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на вонреден мини министерски совет се обиде да постигне договор со коалиционите партнери околу решение за спорот за името.
 
На средбата покрај вицепремиерот Драгакис, шефот на дипломатијата Коѕијас, беше и проблематичниот министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, кој не се согласува терминот Македонија да биде вклучен во конечното решение.
 
На убедувањето на Каменос претходеше информација од Коѕијас за сите нови детали во однос на преговорите меѓу Атина и Скопје, а спроти новата рунда преговори месецов на која се очекува да се отворат суштинските прашања со нов предлог за името.
 
По средбата Коѕијас излезе убеден дека годината ќе биде успешна.
 
,,Ова ќе биде година во која ќе решиме прашања од надворешната политика, кои се отворени со децении, а за кои ќе донесеме исправни и продуктивни решенија. Што се однесува до БЈРМ, дискусијата беше повеќе околу номенклатурата. Поддржуваме и преговараме за сложено име. Ги разбираме сите партии и сили во земјава. Тие проблеми од минатото нема да го нарушат политичкиот живот во земјата‘‘, изјави Коѕијас.
 
Каменос, пак изјави дека и натаму инсистира на терминот Македонија, согласно одлуките на националниот совет, но и се надева на решение кое ќе го осигура националниот интерес. Тој потенцира дека има доверба во министерот Коѕијас.
 
,,Тој не е еден од тие кои едно потпишуваат, а друго мислат, како Андонис Самарас или од тие кое се согласуваат, а го заобиколуваат премиерот, како Дора Бакојани. Мислам дека ќе ги решиме проблемите. Преговорите ќе бидат тешки‘‘, изјави Каменос.
 
За раздвиженоста за решавање на спорот, пишува и германската агенција ДПА, која повикувајќи се на добро информирани дипломатски кругови во Атина, дознава, дека се создава „нова динамика“ во спорот. Но, оттаму предупредуваат дека е тешко да се очекува брзо решение, односно порачуваат дека не треба да се очекува решение „од денес за утре“.
 
Истиот извор за ДПА наведуваат дека САД притискаат за решение и брз влез на Македонија во НАТО, за да се запре руското влијание во Македонија.
 
Грчките медиуми пишуваат дека јануари е месецот во кој се очекува динамичен развој на настаните. Ставот го поткрепуваат со посета на вицепремиерот Бујар Османи на Атина, новата рунда разговори за името и посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Македонија.
 
Сепак, според медиумите најважната средба што би можела да се случи е таа помеѓу премиерите Заев и Ципрас.
 
Според непотврдени информации, доколку има напредок во преговорите и доколку и двајцата премиери заминат за Давос, на Светскиот економски форум од 23 до 26 јануари, тогаш е многу веројатно да остварат и билатерална средба.