Балкан
15. January 2019 - 16:29

Ципрас побара поддршка од пратениците, Мицотакис му одговори дека нема да ја добие од народот

Со аплаузи и во навивачка атмосфера почна седницата во грчкиот парламент за доверба на владата. Во воведното обраќање, премиерот Ципрас  реферираше за досега постигнатото и побара поддршка да продолжи со работата во следните девет месеци кога завршува неговиот мандат. Како еден од успесите тој го наведе и Преспанскиот догвор.

-Мојата совест и патриотската должност  ми наметнаа да ја искористам историската шанса и да го решам македонското прашање, знаејќи дека тоа  ќе има политичка цена. Од самиот почеток , заедно со министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, со нашите души и ум  се посветивме на  решавање на спорот  со името Македонија. Тоа го направивме  со чувство на одговорност кон историјата, националниот интерес и иднината на државата и регионот.  Се посветивме со патриотска одговорност да ја надградиме лидерската улога во на нашата земја на Балканот и Источниот Медитеран.

Лидерот на опозицијата Мицотакис  од пратениците побара добро да размислат како ке гласаат , бидејќи, како што кажа, изгласаната  доверба за  владата ќе значи зелено светло за  ратификација на Преспанскиот договор. Тој  од говорницата му порача на Ципрас дека можеби ќе ја добие довербата во парламентот, но никогаш нема да ја добие довербата на грчкиот народ.

-Го дадовте македонскиот идентитет и јазик. Зарем тие прашања не беа  дел од нашата национална црвена линија. Зошто рековте да, каде што сите рекоа не,  и ја  извртевте историјската вистина.  Господинот Каменос не го гледам денеска овде. Мислам дека ја предава должноста.  Сега се откажува од  фотељата поради Македонија, но заборава дека , ако сакаше, можеше да ја собори владата. Денес каменос  е  ваш сојузник за ратификација на Договорот од Преспа , со тоа што ви обезбеди четворица од своите пратеници, истакна Мицотакис.

Дебатата во грчкиот парламент ќе финишира утре вечер кога ќе се одржи гласањето за доверба. Во меѓувреме, четворица пратеници од партијата независни грци , еден од Потами и пратеничка од Нео најавија дека ке гласаат за владата на Ципрас, со што ке се обезбеди потребното мнозинство од 151 пратеник. Грчкиот парламент брои 300 места, од кои 145  и припаѓаат на владеачката Сириза.