Македонија
19. September 2021 - 16:32

Ципрас: Мицотакис не ги носи на гласање меморандумите со Северна Македонија бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група

Мицотакис не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Македонија, бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на традиционалната прес-конференција во Солун, во рамки на Меѓународниот саем, коментирајќи дека сето ова е во корист на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање за Договорот од Преспа, Ципрас посочи дека и Македонија треба да го исполни својот дел во однос на спроведувањето на договорот и упати критики до актуелниот грчки премиер дека е „слаб и плашлив“ за конкретната тема.

Рече дека Мицотакис се крие зад изговори, но и оти лицемерно се бореше против договорот „за да искористи конкретна струја од тој период, а денес, иако самиот ја разбра потребата да го почитува договорот, не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми“, кои според Ципрас се многу позитивни за Грција.

-Едниот се однесува на одбрана на воздушниот простор на Македонија од грчки воени авиони, а другите се договори со економска содржина, кои кога ти, што се поволни за тебе, не ги промовираш, немаш преговарачка сила да бараш од твоите партнери да го почитуваат и спроведат договорот. Не бара од нив да го почитуваат и спроведат договорот и ги остава опуштени. Кој има корист од ова? Да ви кажам јас кој има корист? Турција има корист од ова, рече Ципрас, објаснувајќи дека една од намерите на Турција била „на Балканот да создаде Либија“.

Лидерот на СИРИЗА порача дека и Македонија мора да го спроведе својот дел од договорот и ги спомена трговските ознаки, учебниците, како и спортските здруженија, а како пример ја зема Фудбалската федерација, за која рече дека „не може да се вика поинаку од Фудбалска федерација на Македонија“.

-Кој ќе ги притисне да го спроведат ова? Кога немаш храброст да ги донесеш за гласање, за ратификација трите меморандуми, бидејќи имаш пратеничка група која се плашиш да не ја загубиш. Толку е слаб и кукавица, коментираше Ципрас за Мицотакис.

Со оглед на тоа дека во рамките на Меѓународниот саем во Солун, минатиот викенд говор и прес конференција одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но ниту во обраќањето ниту во прашањата од новинарите не беше споменат Договорот од Преспа или Македонија, Ципрас коментираше дека  Мицотакис, „говореше еден час и 20 минути, а на прес конференцијата што траеше два часа со 45 прашања, не се слушна зборот Македонија“.

Додаде дека негова претпоставка е дека „премиерот немаше да има храброст да го изговори името на соседната земја“.

-Очекував барем да се слушне овој збор, не се слушна и мора јас да го споменам: Македонија, земја која треба да биде наш сојузник, земја која треба да го спроведе договорот, а спроведувањето на договорот е во корист на двете страни, порача Ципрас.

На денешната прес-конференција што траеше три и пол часа, лидерот на СИРИЗА одговори на 44 прашања од новинарите поврзани со речиси сите актуелни теми во Грција: економијата, пандемијата, вакцинацијата, иднината на младите, мигрантското прашање, односите со Турција итн.