Балкан
15. December 2018 - 8:36

Ципрас: Левицата не ја продаде, туку ја спаси грчката Македонија

Левицата не ја продава Македонија. Левицата го спасува културното и историското наследство на грчката Македонија. Ова го прави левицата со Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас од партискиот политички настан организиран од СИРИЗА во Солун.

Ципрас, во 50 минутното обраќање, говореше и за Договорот од Преспа, рече дека цели 25 години национализмите и од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Граѓани на Солун, но и вие кои не гледате од ТВ приемниците, Македонки и Македонци, сега е часот на националната логика, но и на националната чувствителност. Затоа што Договорот од Преспа става конечен крај на фалсификувањето на нашата историја. Го затвора конечно и неповратно провоцирачкото присвојување на античката грчка Македонија. Ја затвора конечно и неповратно парадоксалноста на иредентизмот од поранешната југословенска Република Македонија, на јасен начин, што секако оттука па натаму ќе се впечати и во Уставот на соседната земја, рече Ципрас и порача дека „соседната земја само кога ќе ги заврши обврските во целост, одредени од договорот, тогаш ќе се интегрира во меѓународните организации и на глобално ниво ќе биде признаена под новото име“.

Грчкиот премиер им одговори на сите оние кои што прашувале зошто токму сега се отворило македонското прашање. Рече дека тие не го отвориле, бидејќи „ова прашање е отворено веќе со децении како отворена рана што го загади целиот регион и во некој момент требаше да се затвори“.

-Ние, едноставно имавме храброст да одиме напред. Внимателно одговорно и решително и со единствен водач – патриотизмот, рече грчкиот премиер кој опширно и детално говореше за патриотизмот.

Истакна дека тие ја сакаат Грција и се грижат на начин на кој те тера јасно да видиш дека „интересот на твојата земја бара соработка и пријателство со соседот“, а патриотизам е да имаш самодоверба, а „не да поставуваш штитови кон мала земја“.

-За нас, патриотизам е грижа за напредокот и колективниот просперитет на твојата татковина, а не катастрофа на татковината на тие што се до тебе.  Патриотизам е да ја сакаш твојата татковина и да се жртвуваш за неа, а не да ги мразиш другите татковини, порача Ципрас.

Грчкиот премиер од Солун, упати остри критики и обвинувања до лидерот на опозициската Нова демократија дека присвојува позиции на неонацистичката Златна зора.

На почетокот на неговото обраќање рече дека присутните во салата го даваат одговорот и порака на демократија и слобода до сите оние кои сакале Солун да го претстават како град на омраза.

Говорот на Алекис Ципрас во Солун, за кој портпаролот на грчката влада рече дека е партиски, а не владин настан, беше закажан во исто време со почетокот на 12от Конгрес на Нова демократија во Атина и обраќањето на Кирјакос Мицотакис.

А паралелно со говорот, беа закажани и се одржаа протести во центарот на Солун.