Балкан
11. October 2016 - 18:09

Ципрас ја повика Турција да го почитува меѓународното право

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој е во посета на Каиро, ја повика Турција да го почитува меѓународното право и принципите на добрососедски односи со цел обезбедување на стабилноста и безбедноста во регионот на Медитеранот.

Во изјава по средбата со претседателите на Египет и Кипар, Абдел Фатах ал Сиси и Никос Анастасиадис, Ципрас се осврна на меѓународни договори, кои Турција ги смета за фундаментални и ги оспорува, по неодамнешната декларација на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за Лозанскиот договор.

Ципрас смета дека е исклучително загрижувачки тоа што „од регионот се слушаат гласови од спротивната насока“.

- Ние сме должни да соработуваме, за да ги надминеме предизвиците“, рече грчкиот премиер.

Тој посочи дека „одговорот треба да биде јасен и непоколеблив“, како од страна на меѓународната заедница, така и од соседните земји за да се зачува стабилноста во источниот дел на Медитеранот. 

- Почитувањето на меѓународното право е претпоставка за гарантирање на стабилноста во регионот и единствена можна база за односите на пријателство меѓу државите. Безбедноста во Европа зависи од безбедноста и стабилноста на нејзините соседи, рече Ципрас.

- Неопходна претпоставка за мирот и стабилноста во регионот е пронаоѓањето на праведно и суштинско решение за кипарското прашање, рече Ципрас.

Тој уште додаде дека за Грција трилатералната соработка со Египет и Кипар е стратегиски избори за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста.