Балкан
6. November 2015 - 20:36

Ципрас: Грција не е моќна сама да ја решие бегалската криза

За решавање на бегалската криза во Грција потребна е соработка меѓу државата, локалните власти и црквата, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на проширената седница на Владата, на која се разговарало за оваа жешка тема, соопшти електронското издание на грчкиот весник „Прото тема“.

На седницата на Владата учествуваа министрите од кабинетот, претставници на локалните власти на островите во источниот дел од Егејско Море, како и архиепископот на Грција, Јеронимос, пренесува БТА.

Ципрас подвлече дека бегалската криза е „европски и светски проблем“ и Грција нема моќ да се справи со него.

Според грчкиот премиер, решението на проблемот треба да се бара на европско ниво, затоа што ниту една локална заедница не може да го издржи ваквиот товар.

Грчкиот премиер, вчера, заедно со претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, беше на островот Лезбос, за да го отворат првит центар за брза регистрација на мигрантите.

Поради непосредната близина до турскиот брег овој остров е најзасегнат од бегалскиот прилив. Секој ден од блискиот турски брег на пат за Европа пристигнуваат илјадници мигранти.

Во овој регион често пати се случуваат и инциденти со преполнетите чамци со кои патуваат.