Македонија
2. March 2019 - 16:44

Ципрас доаѓа во Скопје, Мицотакис најави дека ќе го почитува договорот од Преспа

Алексис Ципрас ќе биде првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје. За време на неговиот говор на четвртиот екномски форум во Делфи, Грција, Ципрас најави дека за време на неговата скора посета ќе биде придружуван од бизнис делегација, при што ќе се формира и висок совет за соработка меѓу двете земји.

Говорејќи за Договорот од Преспа, шефот на грчката влада рече дека тој е дипломатско ремек-дело и ќе остане во историјата, бидејќи првпат за билатерално прашање на Балканот, постоеше политичка волја да се порази национализмот и од двете страни.

“Договорот од Преспа не беше лесен договор. Би го карактеризирал како дипломатско ремек-дело, бидејќи беше заемно корисен договор, но без никој да добие 100 проценти од неговите аргументи и никој, во исто време, да не се чувствува понижен или обесправен. Грција и Северна Македонија се две соседни земји кои инвестираат во пријателство, соработка и солидарност и даваат пример, не само за Балканот и Европа, туку и за целиот свет”.

На Форумот учествуваше и лидерот на грчката опозиција Мицотакис, кој одговарајќи на прашањето дали тие како идна влада одново би ги отвориле прашањата од Спогодбата од Преспа со која не се согласуваат, најави дека Договорот сега е меѓународно ратификуван и дека ќе го почитува.

Мицотакис рече дека 70 отсто од Грците сметаат дека договорот е лош и повтори дека неговата партија не се согласува со делот што се однесува на македонски јазик и националност.

Тоа не е државјанство, туку националност, со особеностите, култура, јазик, цивилизација. Тоа е дефиниција за национален идентитет. Ниту една грчка влада во сложениот балкански регион, никогаш не го признала ова. И никој не ни објасни зошто нема барем северномакедонски идентитет.

На Економскиот форум што беше одржан во Делфи, по првпат присуствуваше и еден македонски министер. Шефот на дипломатијата Никола Димитров имаше свое обраќање, а одржа и неколку билатерални средби, меѓу кои и со неговиот грчки колега Јоргос Катругалос. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, фокусот на средбата бил ставен на имплементација на Договорот од Преспа како и на техничките и практичните проблеми кои се појавуваат при неговото спроведување.