Свет
5. October 2017 - 9:20

ЦИА: Ким Џонг-ун е рационален политичар

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е рационален политичар, што е факт кој САД мора да го земат предвид во својата политика кон Пјонгјанг, нагласи Јонг Сук Ли, помошник на заменикот директор на ЦИА задолжен за Северна Кореја.

- Ким Џонг-ун е рационална личност. Во САД често се потценува неговата конзервативност. Тој сака долго да владее и да почине во својот кревет, истакна експертот на ЦИА за Северна Кореја.

Повеќемина американски функционери, вклучувајќи го и претседателот Доналд Трамп, го опишуваа Ким како ирационален и „лудак“.

Јонг истакна дека Северна Кореја навикнала да биде во дефанзива и така да се однесува, а тоа е поради својата историја и бидејќи е опколена од големи светски сили.

- Северна Кореја е политички организам кој опстојува благодарејќи на конфронтација, нагласува Јонг.

Според него, воинствената реторика на Ким и желба по секоја цена да ја одржи нуклеарната програма на својата земја, не значи дека тој ќе донесе ирационална одлука да лансира нуклеарна ракета кон САД.

- Одлуката да испрати атомска бомба врз Лос Анџелес не е во негов интерес доколку сака да преживее, истакна Јонг.