Македонија
6. October 2017 - 18:55

Чуповска: Неоправдано е да се воведе прогресивен данок во услови кога економијата навлегува во рецесија

Елизабета Чуповска на денешната трибина „Отворено со Комисијата финансии и монетарни прашања на ВМРО-ДПМНЕ“ истакна дека задолжувањата се оправдани доколку се користат за капитални инвестиции со кои би се вратиле тие средства.

-Уште една апсолутно неиздржана мерка која веќе помпезно се најавува во македонската јавност, а тоа е дека веќе сериозни анализи се прават во Министерството за финансии да се воведе прогресивен данок. По сите економски логики и политики, па и искуства прогресивниот данок е данок кој што одговара на економски стабилни и здрави економии, истакна Чуповска.

Посочи дека прогресивниот данок се добри само за економии со висока активност, висок бруто домашен производ и висок животен стандард.

-Апсолутно економски е неоправдано да воведувате прогресивен данок во услови кога кажуваме дека економијата навлегува во самата рецесија. Самиот прогресивен данок подразбира дека бизнисот ќе располага со помал број на средства кои што ние ја воведовме онаа мерка за ослободување доколку реинвестираат одредена добивка, потенцира Чуповска, појаснувајќи дека во тој случај бизнисмените нема да размислуваат на нови инвестиции и отворање на нови работни места.

Додаде дека неоправдано е да се воведе прогресивен данок кога просечната плата се намалува, а во истовреме да се ветува дека ќе се зголеми платата преку субвенции.

-Како ќе воведуваш прогресивен данок кога просечната плата се намалува?, прашува Чуповска.